Македонија Шилегов: Целата операција е смислена во домот на Никола Груевски

Шилегов: Целата операција е смислена во домот на Никола Груевски

Најостро ја осудуваме нарачаната бруталност и пречекорувањето на овластувањата на полициските структури на Никола Груевски и на Сашо Мијалков врз граѓаните на Република Македонија, не само на ова место пред Владата, туку и низ целиот град, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Според него, очигледно било дека неколку минути пред 22 часот, власта ги собрала полициските и параполициските структури пред Владата и испровоцирала судир со граѓаните.

– Сè уште не се знае бројот на повредени, претепани и на приведени граѓани. Полициските структури по нарачка на Груевски тепаа млади, студенти, жени, недолжни граѓани. Приведени беа дури и граѓани кои мирно седеа на улиците со кренати раце. Целата оваа операција за употреба на безмилосна сила врз граѓаните е смислена во домот на Никола Груевски, во кој вчера во попладневните часови, пристигнаа Сашо Мијалков и Мартин Протоѓер. Потоа, нарачаниот план е задолжена да го спроведува Гордана Јанкуловска на самото место пред зградата на Владата и командуваше со насилството врз сопствените граѓани – изјави Шилегов.

Според Шилегов, целата одговорност за безмилосното тепање граѓани е кај Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и кај нивните извршители од структурите на МВР.

– По ова, Груевски избра како ќе си замине. Со вчерашната брутална полициска акција, тој го избра патот за тепање на сопствените граѓани, по примерот на Милошевиќ, Чаушеску и на Лукашенко. Ја поздравуваме храброста и одважноста на граѓаните да се спротистават на бруталноста на режимот – рече Шилегов.

СДСМ ги повика граѓаните кои и денеска и деновите што следат сакаат своето незадоволство да го изразат преку мирни протести да не подлегнуваат на провокации на власта.

– На крај, дозволете ми да го повикам и Горан Петрески, главен уредник на информативната програма на МТВ, кој и самиот протестирал пред Владата, да престане да ги штити насилниците на власта – изјави Шилегов.