Македонија Шилегов: Зградата на ВМРО-ДПМНЕ е споменик на криминалите на Груевски

Шилегов: Зградата на ВМРО-ДПМНЕ е споменик на криминалите на Груевски

„Оваа зграда, тврдина, како што ја нарече Груевски вчера, е споменик над спомениците на криминалите и на криминалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ. Додека Македонија тоне во сиромаштија, додека 180.000 луѓе живеат со 40 денари на ден, за оваа грамада од камен, замислениот султан Груевски, според достапните пресметки, употребил меѓу 15 и 30 милиони евра“, велат од СДСМ.

– Корисната површина за зградата денес достигнува до 12.240 квадратни метри, повеќе од десетпати повеќе од базичната, на сметка на јавното зеленило и на пешачкиот простор. Зголемена е во „од“ и висината на планираниот објектот, од 25 на 29 метри. Ако се тргне од тоа дека во општина Центар просечната цена на квадратниот метар е повеќе од 1.200 евра, тоа значи дека за новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ се дадени околу 15 милиони евра! Ако одиме по логиката на чинење на новоизградените згради од „Скопје 2014“ коишто чинат и по 3.000 евра за квадратен метар, тогаш зградата чини повеќе и од 35 милиони евра – изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на плоштадот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ .

Тој вели дека Груевски вчера пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ признал немоќ да се справи со вистината и се обидел да го инволвира народот во неговото нечесно владеење.

– Никола Груевски се обиде да им се закани на граѓаните, со самите нив. Одлучил да побара интервенција од народот. Интервенција од граѓаните веќе има и тие му велат на Груевски „збогум“. Никола Груевски повеќе не е во позиција нешто да бара. Сега тој народ, граѓаните, бараат. Бараат одговорност од него и од неговите соработници – рече Шилегов.