Македонија Шилегов: Уставните судии по нарачка на Груевски го штитат изборниот криминал

Шилегов: Уставните судии по нарачка на Груевски го штитат изборниот криминал

„Ова се имињата на луѓето што презедоа одговорност да го штитат изборниот криминал и изборните измами на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ преку нарачани судски одлуки. Овие се петте партиски послушници на ВМРО-ДПМНЕ во Уставниот суд: Елена Гошева, избрана за судија во 2012 година, Никола Ивановски, избран за судија во 2012 година, Владимир Стојановски, избран во 2011 година, Вангелина Маркудова, избрана во 2013 година, и Јован Јосифовски, избран во 2012 година“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Според него, тие наместо да го штитат Уставот и уставниот поредок, ги уриваат функционирањето на правдата и правната држава.

– Целата оваа операција на Никола Груевски е спроведена по експресна постапка од десетина дена. Иницијативата до Уставниот суд е поднесена на 5 февруари, петок. Предметот е почнат да се работи на 8 февруари, понеделник. Допис до Собранието е испратен на 10 февруари, а мислењето е добиено на 11 февруари. Целиот предмет бил комплетиран на 18 февруари, неполни две недели од поднесувањето на барањето. Одлуката за прифаќање на оваа иницијатива е донесена вчера, на 24 февруари, неполни 20 дена од денот на поднесување. Во нормална постапка, за ова се потребни повеќе месеци. Очигледно дека некој во врвот на ВМРО-ДПМНЕ многу добро знаел за што се покренати постапките од Специјалното јавно обвинителство – изјави Шилегов.

СДСМ и граѓаните, рече Шилегов, нема да дозволат да се штити изборен криминал.

– Нови криминални избори во Македонија нема да има. Во Македонија ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и со реформи за слободни медиуми. Секој што го прекршил законот, ќе одговара – заклучи Шилегов.