Македонија Шилегов: Не значи дека е крај на светот, ако ги сменивме...

Шилегов: Не значи дека е крај на светот, ако ги сменивме партиските послушници на ВМРО-ДПМНЕ

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пред денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје на новинарско прашање рече дека тоа што во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија за членови се избрани лица кои се партиски кадри на СДСМ, не значи дека е крај на светот.

– Станува збор за тргање на партиските кадри од управните и надзорните одбори кои се именувани од ВМРО-ДПМНЕ.  Апсолутно се познати луѓето за кои се гласа. Дури делови од администрацијата се вклучени. Вклучени се партиски кадри на СДСМ во управните и надзорните одбори. Тоа што ги сменивме партиските послушници на ВМРО ДПМНЕ не е крај на светот – рекол Шилегов.

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ, кое рече дека „јавното признание на скопскиот градоначалник дека управните и надзорни одбори се пополнети со партиски војници на СДСМ е сосема спротивно на неговите изјави од пред изборите, дека ќе изврши професионализација на институциите“.

„Но, главниот проблем не е само во партизирањето на институциите и пополнувањето на одборите на јавните ретпријатија, туку фактот што постои сериозен сомнеж дека нивното назначување е противзаконско, и огромен дел од тие луѓе не ги исполнуваат потребните законски услови.   Токму затоа градот Скопје ги крие информациите од јавноста колку од тие над стотина членови на управни и надзорни одбори ги исполнуваат законските услови да имаат меѓународно признат сертификат, да не се кривично осудувани и да имаат минимум три години искуство од областа? Тоа е информацијата која Шилегов и Јанчева и ја должат на јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.