Македонија Шилегов: Имаме докази за терористичко загрозување на уставниот поредок

Шилегов: Имаме докази за терористичко загрозување на уставниот поредок

Поседуваме сериозни докази што упатуваат на тоа дека во четвртокот во Собранието беше извршено кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, додавајќи дека станува збор за прекршување на член 313 од Кривичниот законик.

-Имаме фотографии, видеоматеријали и други докази и знаеме кои се лицата кои со и без маски извршија обид за убиство на пратеници во Собранието, кои напаѓаа новинари и вработени во Собранието. Доказите ќе ги доставиме до надлежните институции. Укажуваме, Министерството за внатрешни работи и Републичкото јавно обвинителство да не одолжуваат и да не бараат оправдувања на третиот ден по инцидентите, туку веднаш да постапат, по службена должност, за утврдување на одговорноста – рече Шилегов.

Портпаролот на СДСМ додаде дека нападот на пратениците, новинарите, како и нападот на Собранието како државна институција е загрозување на уставниот поредок и на безбедноста и дека за тоа мора да има одговорност, како за нарачетелите така и за извршителите.