Македонија Шилегов: Договорот е надвор од сила, сите опции се отворени

Шилегов: Договорот е надвор од сила, сите опции се отворени

– Договорот е надвор од сила, сите опции се отворени, што би значело дека сите средства што ни стојат на располагање, ќе бидат употребени. Часовникот за Никола Груевски отчукува – одговори портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на новинарско прашање за тоа какви се очекувањата на СДСМ по неуспешниот договор на лидерите на партиите.

Според Шилегов, договорот е надвор од сила и од моментот кога ВМРО-ДПМНЕ го прекрши со некомплетирањето на тимот на специјалниот јавен обвинител.

– Дали Македонија ќе заврши како Белорусија на Балканот или ќе продолжи со своите европски интеграции, за жал, зависи од Никола Груевски – изјави Шилегов.

На прашањето дали ќе има нови „бомби“, нови материјали за криминал и корупција, Шилегов истакна дека сите опции што се на располагање, ќе бидат употребени.

– Доказите што денеска ги презентираме, се исто така докази за огромен криминал, кој ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски, го сториле во Македонија. Дали и како ќе продолжи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со понатамошниот ангажман, навремено ќе бидете информирани – изјави Шилегов.

Портпаролот на СДСМ изјави дека немаат притисок од амбасадорите за необјавување на „бомбите“.

– Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ со неприфаќањето на очигледните работи, и тука беше направена јасна дистинкција од меѓународната заедница, го има лоцирано виновникот за состојбата во која се наоѓа Македонија – додаде Шилегов.