Свет Европа Шестмина милитанти од Северен Кавказ убиени во Санкт Петерсбург и во Москва

Шестмина милитанти од Северен Кавказ убиени во Санкт Петерсбург и во Москва

Четворица припадници на исламистичка група од Северен Кавказ денеска биле убиени во голема акција на руските безбедносни служби (ФСБ) во Санкт Петерсбург, јавуваат светските агенции.

Кратко по акцијата во Санкт Петерсбург, како што пренесува „Би-би-си“, во близина на Москва биле убиени уште две вооружени лица, за кои постојат сомневања дека се од Северен Кавказ, а кои претходно повредиле двајца сообраќајни полицајци.

Според информациите, руските безбедносни служби ја почнале акција во јужниот дел на Санкт Петерсбург, за апсење на осомничени кои биле на листата на барани лица поради можна вклученост во илегалните вооружени групи од Северен Кавказ.

Четворицата припадници на групата биле убиени при „размена на оган“ со безбедносните служби, во стан во Санкт Петерсбург, за време на акцијата.

Од ФСБ соопштиле дека операцијата била завршена и дека во неа немало повредени цивили, ниту припадници на полицијата.

Како што јавуваат агенциите, повеќе вооружени групи од Северен Кавказ се приклучиле на Исламска држава и се заканиле со одмазда кон Русија, поради воздушните напади во Сирија.