Македонија Шести ден прекин на железничкиот сообраќај, вработените на штрајк

Шести ден прекин на железничкиот сообраќај, вработените на штрајк

Патничките и товарните возови во Македонија веќе шести ден не сообраќаат поради протестот на вработените во „Македонски железници“, кои бараат исплата на јануарската плата.

Вработените остануваат на ставот за целосна исплата на јануарската плата, а засега, како што соопштија, немаат најави за средба со раководството на „Македонски железници“.

Министерството за транспорт и врски вчера соопшти дека на последната владина седница е донесена одлука за зголемување на средствата за директна помош за оперативното работење на железницата, во висина од околу 70 милиони денари на годишно ниво.

Оттаму информираа дека според законските прописи овие дополнителни средства ќе може да се исплатат ако вработените за извршената работа приложат соодветна документација за направените трошоци за да може исплатените средства да се оправдаат во буџетот на Република Македонија.