Македонија Шекеринска: За Македонија најдобро е да биде една изборна единица

Шекеринска: За Македонија најдобро е да биде една изборна единица

За Македонија најдобро е да биде една изборна единица, рече денеска заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање за иницијативите до Уставен суд за оценување на уставноста на одлуката за распишување на изборите.

– Сметаме дека ова прашање може многу лесно да се коригира и затоа уште еднаш повторуваме дека за Република Македонија, најдобро решение е целата држава да биде една изборна единица. На тој начин ќе престанат сите дискусии дали гласот на секој граѓанин во државата еднакво вреди. На тој начин ќе престанат и овие непродуктивни расправи околу границите, околу општините и околу начинот како да се поделат сите изборни единици во шест изборни региони – рече Шекеринска.

На прашањето дали изборите може да бидат легитимни со вакво кршење на Изборниот закон, Шекеринска рече дека начинот на кој треба да дојдеме до веродостојни избори е да ги почитуваме сите закони, а за идејата на политичките партии Левица и Либерална партија да се изолира ВМРО-ДПМНЕ, Шекеринска рече дека СДСМ и здружената опозиција почнале процес на покажување на вистината за ВМРО-ДПМНЕ на цела Македонија.

– Зарем некој има дилеми која е нашата позиција? Цела оваа процедура, целиот овој период го поминавме за никогаш повеќе ова да не ѝ се повтори на Македонија – рече Шекеринска.