Дописници Шекеринска на трибина со охриѓани во вторник

Шекеринска на трибина со охриѓани во вторник

Како дел од новата партиска стратегија за понепосреден контакт со членството и со граѓаните, во вторник, на 11 ноември, потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во Охрид ќе одржи трибина на која ќе се дебатира за актуелните случувања во земјата.

Претседателот на Општинската организација на СДСМ и пратеник во оставка, Томислав Тунтев, трибината ја најавува како можност членството и симпатизерите на СДСМ, заедно со оние од другите опозициски политички партии, како и со граѓаните, да се сретнат со највисокото партиско раководство и директно да разговараат за прашањата и за проблемите на вонпарламентарното политичко дејствување.

Единствениот опозициски пратеник од Охрид, останува на ставот дека мандатите на пратениците од опозцијата што поднесоа оставки се насила верификувани и додава дека тие требало одамна и веднаш да бидат прифатени и констатирани од Собранието.

– Во овој момент, единствено со невлегување во Собранието и со парламентарна криза, опозицијата може да придонесе за почнување на неопходните преговори со власта и за нормализација на политичките односи во земјата – прецизира Тунтев.

Истовремено, трибината ќе биде искористена за анализа на состојбата во Охрид.

М.В.