Македонија Шекеринска: Бегаат од техничка влада поради страв од граѓаните

Шекеринска: Бегаат од техничка влада поради страв од граѓаните

Радмила Шекеринска, заменик-претседателка на СДСМ, на трибина во Кочани

Немаше сала во која влеговме, а не беше полна. Немаше сала во која влеговме, а да не видиме дека луѓето се сериозно загрижени затоа што ѝ се случува на Македонија. Немаше куќа во која денеска тропнавме во Штип и во Кочани, а во кои не ги слушнавме истите коментари: „Чекаме некој да нè спаси“. Затоа сме тука. Помеѓу граѓаните на Република Македонија. Затоа сме тука, помеѓу сите вас коишто ја поддржувате нашата опција, коишто ја поддржувате нашата коалиција, но, најважно од сè, ја поддржувате оваа држава. Ја поддржувате нашата Македонија, изјави заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на синоќешната трибина во Кочани.

„На изборите оваа година, како и минатата година, се виде дека на денот на гласање не одлучуваат граѓаните, туку одлучува власта. На денот и пред изборите видовме дека имаме многу малку медиуми, но имаме многу владини мегафони. На денот на изборите и пред изборите, видовме дека во Македонија не постојат веќе државни институции, туку само партиски испостави на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме спремни да го промениме тоа во Република Македонија. И затоа стоиме зад сопствениот збор. Не поради инает, туку поради верба, дека овој тип на режим мора да падне. На тој начин што граѓаните ќе си ја вратат во свои раце одлуката кој владее и кој победува“, истакна Шекеринска.

Таа рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати секаков закон, промена и на Устав и на закон, ама дента потоа, сè ќе заборави.

„Ќе ги заборават законите, сè ќе прифатат, ама некој друг да ги организира изборите не сакаат да прифатат и тоа покажува дека сите во ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од врвот, знаат дека на граѓаните им е веќе преку глава“, подвлече Шекеринска. Заменик-претседателката на СДСМ додаде и дека од владејачката партија знаат дека ако изборите не се организирани со страв и со корупција, граѓаните ќе ги казнат, па затоа бегаат од техничка влада.

„Затоа бегаат од попис, затоа бегаат од прочистен избирачки список. Затоа бегаат од делење на државата од партијата. Многумина што не ја знаат Македонија, прашуваат „што ви значи тоа споена ви е државата со партијата“. Јас денеска ќе кажам овде само два примера, најинтересни се оти се највидливи. Кога беа изборите, СДСМ и коалицијата поднесоа 122 приговора за изборниот процес. Само два беа прифатени. Двата се однесуваа на предвремен почеток на кампањата на Ѓорѓе Иванов. И ние рековме „еј добро е, барем два“. Антикорупциска комисија беше задолжена да го казни Ѓорѓе Иванов затоа што почнал со кампањата прерано. Знаете што се случи? Четири месеци подоцна, кога ги прашаа каде е казната на Иванов, антикорупционерите му одговорија на еден новинар дека пратиле писмо до кандидатот Ѓорѓе Иванов, ама писмото им се вратило бидејќи адресата не им била позната. Адресата не била позната! Значи, во една држава, тој, којшто седи во вилата на Водно, е недостапен за институциите. На секој граѓанин во државата му е јасно, дека институциите не се во зградите на Владата, туку институциите се во онаа милионска што ја гради ВМРО-ДПМНЕ на ваша и на наша сметка“, рече Шекеринска.

Целта на СДСМ, додаде заменик-претседателката на Социјалдемократскиот сојуз, и неговата борба надвор од парламентот е токму со таков притисок, со теледиригирање на институциите, да покажат дека така повеќе не може.

„Сега е моментот кога ќе покажеме дека ние имаме сила за големи дела. И затоа денеска сме присутни и на трибини. Целото раководство и многу наши тимови, денеска се присутни на терен. Денеска во Кочани сме помалку присутни на терен поради трибинава. Ве повикувам сите да работиме заедно. Да ѝ покажеме на Македонија дека има верба за промени. И дека таа верба и тие промени ќе ги донесат одговорни луѓе, кои знаат да гледаат напред и знаат да работат за Македонија“, заклучи Шекеринска.