Свет Европа Северна Македонија се приклучи на декларацијата на Г7 за безбедносни гаранции за...

Северна Македонија се приклучи на декларацијата на Г7 за безбедносни гаранции за Украина

Со декларацијата од 12 јули, земјите потписнички се обврзуваат на долгорочна поддршка на Украина во борбата против сегашната и идна руска агресија

Фото: Влада на РСМ

Северна Македонија стана петнаесеттата земја која официјално се приклучи на декларацијата за безбедносни гаранции за Украина на Г7, објави вчера на Телеграм и Твитер украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски изрази благодарност до македонскиот премиер Димитар Ковачевски „за неговите лични напори за унапредување на партнерството меѓу двете земји“.

Со декларацијата од 12 јули, земјите потписнички се обврзуваат на долгорочна поддршка на Украина во борбата против сегашната и идна руска агресија.

Досега на декларацијата на земјите од Г7 се приклучија 15 држави. Украина во моментов е во преговори со САД, Велика Британија и Грција во врска со билатералните договори за безбедносни граници, објави Кијив Индепендент.

Билатералните безбедносни договори меѓу Украина и другите земји се фокусираат на одредени обврски кои вклучуваат обезбедување на издржливост на украинските вооружени сили, зајакнување на економската стабилност на Украина и обезбедување техничка и финансиска помош за итни потреби.