Македонија Северна Кореја изврши трета проба за три недели

Северна Кореја изврши трета проба за три недели

Северна Кореја утринава истрела уште една балистичка ракета која паднала во Јапонското Море, пред да прелета 450 километри. Ова е трета проба што Северна Кореја ја врши во период од три недели.

Јужнокорејската војска соопшти дека „неидентификувана балистичка ракета е истрелана во 5.09 часот по локално време, од место во близина на пограничниот севернокорејски град Вонсана, во правец на исток“.

„Ракетата, веројатно од типот „скад“, прелетала 450 километри пред да падне во морето“, стои во соопштението на јужнокорејскиот генералштаб. Јапонската влада испрати протестна нота поради новата проба, која ја потврди и американската војска во Тихиот Океан.

Во Сеул, претседателот на Јужна Кореја свика состанок на Советот за национална безбедност, јави агенција „Јонхап“.