Македонија Сексуалните работнички маршираа против насилството врз нив

Сексуалните работнички маршираа против насилството врз нив

По десетти пат денеска на улицата Македонија се одржа традиционалната годишна парада за правата на сексуалните работнички, овој пат под мотото „Стоп за насилството врз сексуалните работнички“.

„Сексуалните работнички го креваат гласот против насилството. Повеќе од една деценија се одбележува. Оттука имаме резултати после десет години има силна заедница и поддржувачи и горди сме за тоа. Но, нема слух од институции, професионални социјални служби и полиција. Ве молиме да ги тргнете на страна предрасудите и осудите“, порачаа сексуалните работнички од маршот на црвените чадори.

Како и претходно и годинава организатор на маршот се граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“ во соработка со коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

На денешниот марш синоќа му претходеше перформанс на излози на скопскиот булевар Св. Климент Охридски, преку кој сексуалните работнички, во стилот на улицата на „Црвените фенери“ во Амстердам се обидоа да го свртат вниманието на јавноста кон овие горливи проблеми.