Македонија Секое трето јавно претпријатие најмува некого да му ја заврши работата

Секое трето јавно претпријатие најмува некого да му ја заврши работата

Секое трето јавно претпријатие најмува надворешни приватни фирми да ја завршат нивната работа, односно дејноста за која се формирани, утврдила анализата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС). Кај една третина од нив, пак, нема анализа за оправданоста на таквите „набавки“, односно за оправданоста услугата да ја пружа надворешно, приватно претпријатие, наместо јавното, кое е основано за таа дејност.

Јавните претпријатија не биле поажурни ниту во наплатата и исплатата, покажува истражувањето на процедурални празнини во работата на јавните претпријатија, што го спровел ИДСЦС. Во просек, претпријатијата доцнеле со исплата на обврските 62 дена, или двојно подолго од законскиот рок од 60 дена. Рекорд поставило претпријатие кое извршило исплата 445 дена, или речиси 15 месеци, по законскиот рок.

„Причините за ваквата пракса можат да се бараат во нерентабилното работење на компаниите и недостатокот на ликвидност за навремено сервисирање на обврските“, сметаат аналитичарите.

Уште полоша е наплатата на побарувања, за што претпријатијата доцнеле во просек по три месеци по законскиот рок. Едно, пак, законскиот рок го пробило за 775 дена, или за две години и 45 дена.

„Овие наоди укажуваат на деловни практики кои не обезбедуваат добро упраување на компаниите. Нередовната наплата на побарувањата влијае на ликвидноста и на крајниот финансиски резултат со што директно се влијае негативно на перфрмансите односно се прави штета“, стои во анализата.

Иако најголем дел од претпријатијата одговориле дека имаат процедура за присилна наплата, ниедно не одговорило како се носи одлука за таква наплата.

„Тоа може да укаже дека недоволно се познава процедурата, истата не се практикува често и доволно, како и дека можеби процедурата не е доволно добро поставена и прецизирана и некои клучни елементи за нејзино спроведување недостигаат“ сметаат аналитичарите.

Повеќе од половина јавни претпријатија одговориле дека биле во загуба во последната година, а речиси една третина загуба најмалку 3 години.

„Ако на овие показатели, го вклучиме и показателот за долгови кај 20 претпријатија од истиот вкупен број јавни претпријатија, може да заклучиме дека тие се значителен товар на централниот буџет и буџетот на локалната самоуправа. Од тој аспект, практитите за покривање на загубите кај овие претпријатија мора да бидат поставени на основи кои ќе овозможат подобрување на ефикасноста и рентабилноста во работењето, иако во некои случаи се работи за јавни услуги кои се даваат на некомерцијална основа односно државата мора да ја покрива разликата од повластената цена на услугата или производот во интерес на граѓаните и трошоците за нивно овозможување т.е. создавање“, стои во анализата.

Аналитичарите препорачуваат да се воведат буџетски ограничувања кои, во случај на лоши финансиски резулати на јавните претпријатија, ќе можат да предизвикаат промена во управувачката структура на претпријатието.