Македонија Воведена директна авионска линија Скопје – Варшава

Воведена директна авионска линија Скопје – Варшава

Денеска се воспостави нова авиолинија Варшава – Скопје – Варшава која ја реализира „ЛОТ-Полиш ерлјанс“, шест пати неделно. Просечната цена на повратен билет изнесува 120 евра. Со оваа линија ќе се овозможи конекција од Варшава до повеќе дестинации во Источна и Западна Европа, Скандинавија, САД и Канада.

„Со новата авиолинија Варшава – Скопје – Варшава создаваме можност за зајакнување на економските и културните врски и развој на туризмот меѓу двете држави, со што преку оваа линија ќе се обидеме заеднички да ги приближиме народите на двете земји“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека овој месец се планира објава на јавен повик за финансиска поддршка на нискобуџетни компании кои ќе понудат нови дестинации, по поволни цени.

„За таа намена планираме финансиска поддршка од над 5 милиони евра во следните три години и ја користам оваа можност да ги повикам сите заинтересирани компании да се пријават на јавниот повик за кој наскоро ќе информираме со конкретни детали за критериумите“, додаде Сугарески.