Свет Европа Се подготвува нов мировен план за Украина

Се подготвува нов мировен план за Украина

Француските и германските дипломати активно подготвуваат самит во Минск со претседателите на Русија и на Украина, со надеж дека ќе се стави крај на крвавиот конфликт во Источна Украина.

Дипломатите од Франција, Германија, Украина и од Русија денеска во Берлин работат на мировен план, кој е претставен како последна шанса за Украина, пред самитот в среда во Минск.

Подготовките за мировниот план синоќа биле договорени во телефонскиот разговор меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и претседателите на Франција, Украина и на Русија, Франсоа Оланд, Петро Порошенко и Владимир Путин.

Сепак, рускиот лидер истакна дека некои точки од мировниот план треба да бидат ревидирани в среда.

– Самитот ќе се одржи доколку успееме да договориме одреден број точки од планот, за кои интензивно разговараме во последните денови – му соопштил Путин на белорускиот колега Александар Лукашенко.

Клучните понуди на Берлин и на Париз во рамки на мировниот план се примирје, раздвојување на завојуваните страни на истокот на Украина со можно распоредување на „сините шлемови“ на ОН и преговори за федерализација на земјата, слична на Дејтон.