Економија Се обновува редовната авиолинија Скопје-Прага

Се обновува редовната авиолинија Скопје-Прага

„Чех ерланјс“ ќе лета Скопје-Прага-Скопје двапати неделно со што по пауза од четири години се обновува редовната линија. Летовите од Скопје ќе бидат понеделник и петок во раните утрински часови, а од Прага се четврток и недела, навечер. Од 28 јуни компанијата ќе додаде уште еден термин така што фрекфенцијата до и од претстолнината на Чешка ќе биде трипати неделно.

– Очекуваме поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија, повеќе чешки туристи и зголемување на карго-превозот – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.

Според директорот за комерција, врски и маркетинг во „Чех ерлајнс“, Јан Тот, развојот на рутата се движи во рамките на нивните очекувања.

– На патниците им нудиме привлечни денови за летање, што опфаќа утрински полетувања од Скопје и вечерни заминувања од Прага. Се обезбедува максимално искористување на времето за престој во Чешка- истакна Тот.

Цените на билетите почнуваат од 75 евра во еден и 144 евра во два правци, со сите вклучени такси.

„Чех ерлајнс“ освен редовните летови ќе ги обнови и своите активности и во сегметнот чартер-превоз на македонскиот пазар.

Почнувајќи од 1 јули и траејќи до 9 септември, компанијата секој петок ќе овозможи чартер летови за „АСА-тур“ и за други локални оператори меѓу Скопје и Хераклион на Крит.