Здравје Се истражува како се исплаќале плати и надоместоци на Клиниката за детски...

Се истражува како се исплаќале плати и надоместоци на Клиниката за детски болести

Фото: Мининстерство за здравство

Во тек е вонредна ревизија на досегашното работење во различни домени меѓу кои и исплата на плати и надоместоци на плата, дежурства и надоместоци за прекувремена работа на Клиниката за детски болести, соопштија попладнево оттаму. Ова следува откако беа објавени информации за работењето на поранешните директори Аспазија Софијанова и в.д. организациониот директор Мемеди Аљадин.

„По завршување на предметните ревизии и соодветните постапки Универзитетската клиника за детски болести во целост ќе ги побара неосновано исплатените средства утврдени од страна на надлежните институции“, наведено е во соопштението до медиумите.

Оттаму потенцираат дека доброволното враќање на неосновано надоместоци кои ги стекнала Софијанова на основа на дежурства, не ја ослободува од одговорноста пред законот и надлежните институции.

„Поради необезбедената согласност за организација на работа во дежурства за 2021 и 2022 година од страна на претходното раководство, сегашниот менаџмент не беше во можност да изврши исплата за месец октомври на вработените. Таа исплата ќе се изврши веднаш по добивање на потребната согласност. Исто така сакаме да посочиме дека платите на вработените не се намалени“, се наведува во соопштението.

Неодамна министерот Беким Сали побара да се повлечат од директорските позиции првите луѓе на клиниките за детски болести и за онкологија, а на нивно место подоцна беа назначени нови.