Македонија Се бара нов Субрата да инвестира во Џумајлија

Се бара нов Субрата да инвестира во Џумајлија

Се бара нов инвеститор за плодните ниви на Џумајлија. Министерството за земјоделство ќе објави повик за закуп на земјоделско земјиште на површина поголема од 4.400 хектари.

Компаниите заинтересирани да го шират својот земјоделски бизнис во Џумајлија треба да достават бизнис-план со износ на вкупните инвестиции, опис на применетите технологии, спецификација на механизацијата и планираниот број вработени по години.

Министерството за земјоделство пред некое време ја активираше банкарската гаранција од три милиони евра и го раскинa договорот со Субрата Рој за Џумајлија, кој требаше да донесе првични инвестиции од 211 милиони евра.

Рој во март беше уапсен затоа што на инвеститори не им вратил повеќе од две милијарди фунти затоа што незаконски им биле продадени обврзници.

Според договорот, компанијата на бизнисменот Рој беше должна за три години да набави 20.000 крави. На земјиштето од околу 6.000 хектари беше предвидено да се произведува добиточна храна, да се одгледува стока и да се направи регионална млекарница во која дневно требаше да се произведуваат 80.000 литри млеко.

Вкупната инвестиција во млечниот бизнис во земјава на Рој требаше да достигне 1,6 милијарда евра.

Компанијата на Рој  доби дел од земјиштето на пропаднатиот агрокомбинат „Џумајлија“ во Светиниколоско, под концесија за период од 15 годинии. Тој требаше да ѝ плаќа на државата 121.000 евра годишно.