Македонија СДСМ: Зошто е воведено ново тело за дисциплинирање судии

СДСМ: Зошто е воведено ново тело за дисциплинирање судии

Никола Груевски параноично се обидува да се штити од сите страни, велат од СДСМ. Еден од последните негови чекори, според партијата, е вчера донесениот закон со којшто е воведен неуставен орган „Совет за утврдување на факти и покренување постапка за одговорност на судии“.

– Според Уставот на Република Македонија, единствено надлежен за избор и за разрешување на судиите е Судскиот совет. Ова тело веќе подолго време функционира во спрега со извршната власт и незаконски. Сега граѓаните ќе плаќаат паралелно тело со слични ингеренции како Судскиот совет. Зошто? – прашуваат од СДСМ.

Од опозициската партија додаваат дека Законот за Советот за утврдување на факти и покренување постапка за одговорност на судии, без причина беше поставен и изгласан по скратена постапка во Собранието.

– Ова се случува во период кога судовите и судиите ќе бидат пред најголемиот предизвик досега откако ќе биде обелоденето незаконското и криминално владеење на Никола Груевски и неколкумина поединци околу него. По скратена постапка, без никаква дебата, се направени измени и во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, воведена од оваа власт. Со честите измени на сопствените закони, власта покажува дека не знае што прави, туку на штета на граѓаните, си игра држава – пишува во соопштението на СДСМ.