Македонија СДСМ: Во избирачкиот список на една адреса фигурираат по 60 и повеќе...

СДСМ: Во избирачкиот список на една адреса фигурираат по 60 и повеќе лица

Веб-апликацијата на Државната изборна комисија за граѓанска контрола на избирачкиот список, покажа колку е неопходно навремено и темелно прочистување на избирачкиот список, велат од СДСМ.

„Само неколку примери покажуваат дека на една адреса фигурираат по 60, па дури и повеќе лица. На една адреса во Скопје се запишани 66 лица. На една адреса во Ресен се запишани 34, а на друга 24 лица. Уште еднаш се потврди тоа што го покажа „Вистината за Македонија“, дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски организирале криминални избори, преку корупција, фантомски гласачи и злоупотреби на државните институции“, велат од СДСМ.

Од партијата посочуваат дека прочистен, веродостоен избирачки список е еден од условите за фер и демократски избори.

СДСМ ги охрабрува граѓаните да продолжат да го проверуваат избирачкиот список и да го искористат законското право да пријават неправилности до Државната изборна комисија.