Македонија СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ призна дека остави висока стапка на сиромаштија и на невработеност

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ призна дека остави висока стапка на сиромаштија и на невработеност

ВМРО-ДПМНЕ преку тенденциозно ширење на лажни вести за наводно трајно населување на десетици илјади мигранти и нивно вработување, продолжува да внесува вознемиреност помеѓу граѓаните, велат од СДСМ како реакција на соопштението на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Преку наводната загриженост за необврзувачки документ, централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најпосле ги призна катастрофалните политики што таа партија ги спроведуваше во изминатите 11 години. ВМРО-ДПМНЕ преку денешното соопштение призна дека Македонија се соочува со висок степен на сиромаштија и со висока стапка на невработеност и призна дека во изминатите години стотици илјади граѓани беа принудени да се иселат од државата поради катастрофалните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ нагласуваат дека се работи за документ што е јавно објавен и отворен за сугестии и истиот служи како патоказ и нема обврзувачки акти кон кое било министерство или институција.

Инаку, до денеска не се стасани никакви предлози или реакции до Министерството за труд и социјална политика за предлог-нацртот на стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017- 2027 година и за предлог-нацртот на националниот акциски план за интеграција на бегалци 2017- 2027 година, потврдија за „Мета“ од министерство.

Рокот за испраќање предлози е 8 август, а тоа може да се направи преку пополнување посебен формулар објавен на веб-страницата на министерството.