Македонија СДСМ: Власта ги заборави инвестициите на домашните претпријатија

СДСМ: Власта ги заборави инвестициите на домашните претпријатија

Македонија има најниски инвестиции на приватниот сектор во целиот регион на Југоисточна Европа во периодот 2006-2013 година, а проблемот кај нас е што актуелната власт се обидува да ги поттикне само инвестициите на странски компании, а ги заборави домашните, велат од СДСМ.

– На големите странски компании им се даваат огромни даночни олеснувања и директна државна поддршка за инвестиции во зоните. За нив се прават „роуд-шоуа“ на Груевски и на неговите министри, скапи реклами и се праќаат економски промотори по светот. A, власта никогаш досега не го објави износот на овие промоции за кои се потрошени тони народни пари – рече Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ.

Тој додава дека инвестициите на домашните претпријатија имаат многу поголема вредност за целокупната економија, за разлика од инвестициите во зоните и дека нема оправдување зошто актуелната власт има целосно дискриминаторски однос кон домашните претпријатија.

Од СДСМ објавија три од планираните мерки за подршка. Тие се:
1. Формирање македонски бизнис-фонд, што ќе има цел да ги поддржува инвестициите на малите и на средните претпријатија во земјава. Фондот ќе обезбедува соодветни финансиски решенија за развој на домашни бизнис-проекти. Почетната големина на овој фонд ќе изнесува 14 милиони евра и тој дополнително ќе биде ангажиран за реализирање на разни фондови на ЕУ за технолошки развој и за иновации, што сега стојат неискористени.
2. Воведување кредитен правобранител, што треба да го подобри дијалогот меѓу малите и средни претпријатија и кредитните институции. Кредитниот правобранител треба да обезбеди фер и праведен однос на кредитните институции кон малите и средни претпријатија, кои, за разлика од големите претпријатија, немаат правни и други служби за заштита на своите интереси.
3. Поддршка за кооперанти, што подразбира секое мало и средно претпријатие што ќе сака да инвестира во бизнис со странска компанија од зоните, да може да конкурира за заем од македонскиот бизнис-фонд во висина до 100.000 евра. Заемот ќе биде под исклучително поволни услови: еден процент каматна стапка и една година грејс-период.