Македонија СДСМ: Тодоров го уништи здравството

СДСМ: Тодоров го уништи здравството

Без срам Никола Тодоров и денеска ги потцени докторите и здравствените работници во Република Македонија, стои во реакцијата на СДСМ, по најавата на министерот за здравство Никола Тодоров на нови тимови, возила и повисоки плати за докторите во Итната медицинска служба.

„Тодоров го уништи здравството во Република Македонија, на штета на граѓаните и лекарите. Со кое лице Никола Тодоров се појавува во јавноста? Никола Груевски и Никола Тодоров исклучиво се грижат за своите бизнис зделки и тендер политики, на штета на граѓаните. Реалноста во здравството е многу поинаква. Таа е жална и болна. Болниците се руинирани, граѓаните не добиваат квалитетни здравствени услуги, лекарите немаат основни услови за работа, умираат родилки и бебиња,медицинскиот персонал е под постојани притисоци и закани“, велат од СДСМ.

Во реакцијата се наведува дека според релевантните меѓународни истражувања, Македонија се наоѓа на последно место во Европа по здравствени услуги, а на прво место како држава во која најстресно се живее.

„Македонија, според Еуростат е на врвот на листата со починати новороденчиња во Европа. Во земјава умираат 14 новороденчиња на 1.000 живородени. Дури 200 лекари годишно заминуваат од земјава. Здравството е во огромни, милионски долгови кои секојдневно се зголемуваат. Нема пари за основни потреби. Пациентите сами си набавуваат лекови, медицинска опрема и помагала. Никола Груевски и Никола Тодоров се главните виновници за хаосот во здравството и нефункционирањето на системот на здравствена заштита. Тодоров и Груевски ги чека одговорност за криминалните политики што однесоа во смрт многу граѓани“, стои во реакцијата и се додава дека казната ќе им биде испорачана на следните фер и демократски избори.