Македонија СДСМ: Стевчо Јакимовски ќе ги задолжи граѓаните за нови 2,5 милиони евра

СДСМ: Стевчо Јакимовски ќе ги задолжи граѓаните за нови 2,5 милиони евра

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на денешната седница на Советот предлага да се донесе одлука за долгорочно задолжување на Општината за нови 2,5 милиони евра. Ова ново задолжување со кредит од 2,5 милиони евра ќе треба да го враќаме ние, граѓаните на Карпош, информираше денеска на прес-конференција Магдалена Несторовска, советничка во Советот на Општина Карпош.

– За советниците на СДСМ и за опозицијата ова е неприфатливо. СДСМ остро се спротивставува на вакви неразумни постапки на градоначалникот Јакимовски, по стапките на неговиот коалициски партнер Никола Груевски. Општинската каса е празна, училиштата немаат доволно средства за греење, децата смрзнуваат. Според завршната сметка од 2013 година, долгот на Општината е околу 9 милиони евра, а денеска градоначалникот има намера дополнително да се задолжи, без да ги праша граѓаните. Општина Карпош е пред финансиски колапс и парите на граѓаните треба да се трошат домаќински, а не Општината постојано да се задолжува. Наместо за мегаломански прослави и пејачи, наместо за прекубројни вработувања на сметка на општинската каса, наместо за репрезентација, парите треба да се наменат за решавање на проблемите на граѓаните на Карпош – истакна Несторовска.

Според неа, целата процедура за ова ново задолжување е избрзана, несериозна, неподготвена и без консултација со граѓаните.

– Зошто ако се задолжува Општината, не се почитува законот и не се спроведе јавна расправа? Да ги прашаме граѓаните дали се согласуваат дополнително да се дозадолжи Општината со нови и нови долгови. Граѓаните треба да донесат одлука за ова затоа што утре Стевчо Јакимовски нема да биде градоначалник, ама кредитот останува да го враќаат граѓаните – заклучи Несторовска.