Македонија СДСМ ја осуди изјавата на дебарскиот градоначалник

СДСМ ја осуди изјавата на дебарскиот градоначалник

„Ја осудуваме провокативната реторика во изјавата на градоначалникот на општина Дебар, Ружди Лата, која не е во духот на заедништвото, интеграцијата и меѓусебното почитување на граѓаните. Избраните и именуваните функционери мора да бидат свесни за одговорноста што ја имаат пред Уставот, законите и пред граѓаните на Република Македонија. И Лата, како и сите други носители на државни функции, мора да работи единствено во интерес на граѓаните и секоја изјава, секој искажан збор и секое направено дело мора да биде исклучиво во интерес на граѓаните, што не е случај со последната изјава на Лата“, порача СДСМ денеска.

Партијата посочи дека таквите јавни настапи одат во прилог само на тие што креираат поделби и работат на поттикнување раздор и нетрпеливост.

Дебарскиот градоначалник Ружди Лата вчера во интервју за телевизијата АРТ порача дека крвта и душата на Албанците се во Тирана и дека тој смета дека Дебар станува населба на Тирана.

– Единствена надеж за иднината на Дебар е патот на Арбер, ама не заборавајте кога ќе се изгради патот на Арбер, ние ќе заборавиме на другите, крвта и душата ни се во Тирана. Ние имаме во Тирана многу луѓе, само еден податок ќе ви спомнам, во Тирана има 150 доктори на науки само од Дебар и Дебар полека станува населба на Тирана. Нашиот сон, верувам, полека се реализира и од причина што на инстиктивен начин, кога управуваме едно возило, секогаш раката оди десно, накај Тирана, накај Албанија, тоа ни е носталгија што ја имаме во душата, во чувствата, во убедувањата, свеста итн. – изјави Лата.