Дописници СДСМ-Прилеп: Одложени сите операции во прилепската болница

СДСМ-Прилеп: Одложени сите операции во прилепската болница

„Со својата неодговорност и негрижа за здравјето на прилепчани, ВМРО-ДПМНЕ ја блокираше работата на прилепската болница „Борка Талески“. Веќе неколку дена се одложуваат сите операции на хирургија, гинекологија, ортопедија, како и на очното и на ушно одделение во болницата“, рече Сашо Велески, претседател на општинската организација на СДСМ во Прилеп.

Според него, граѓаните се оставени сами на себе и за каква било хируршка интервенција се упатуваат во другите болници во земјава.

– Причина за ова се неисправните апарати за анестезија, кои воопшто не биле сервисирани. Одделението за анестезија и за реанимација долго време е во катастрофална состојба, а моментално е оставено и без раководител. Се потврдува дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да обезбедат квалитетна здравствена заштита за граѓаните на општина Прилеп. Прилепчани се оставени на милост и на немилост на лошите состојби во јавните здравствени установи во Прилеп и на неодговорноста на власта во заминување. Граѓаните на Прилеп живеат во невидена сиромаштија и немаат средства за приватни лекувања, како и најголем дел од граѓаните во земјава. За ваквиот потценувачки однос кон здравјето на прилепчани и за евентуалните несакани последици, одговорност ќе има! Го повикуваме градоначалникот Марјан Ристески да покаже барем малку интерес за катастрофалната состојба на прилепската болница – вели Велески.