Македонија СДСМ прашува како е можно „Македонски шуми“ да нема пари за данок,...

СДСМ прашува како е можно „Македонски шуми“ да нема пари за данок, а да има за палми

Управата за јавни приходи призна дека Јавното претпријатие „Македонски шуми“ ѝ должи на државата 3,5 милиони евра за неплатени даноци, реагираат од опозицискиот СДСМ. Од партијата преку соопштение велат дека „Македонски шуми“ нема пари за даноци, но има за да ги задоволи егзотичните идеи на Никола Груевски.

„Македонски шуми“ набави 1.100 палми во вредност поголема од половина милион евра, односно 522.347 евра. Бидејќи условите во Македонија не се за палми, палмите едвај преживуваат, не се развиваат, зимава се под кеси за заштита од студот, а летото за нив мораше да се купат и тушеви за разладување. Едвај преживуваат и повеќе од 500.000 граѓани кои живеат под прагот на сиромаштија, кои ја немаат среќата на „Македонски шуми“ да бидат амнестирани од Груевски и од Ставрески. Освен „Македонски шуми“, огромен долг има и Јавното претпријатие „Македонија пат“. Само овие две претпријатија им должат на државата и на граѓаните повеќе од 10 милиони евра. Дури и „Македонска телевизија“ не платила данок од околу 2 милиони евра, иако Ставрески и Груевски насилно одземаат пари од трансакциските сметки на граѓаните и на фирмите“, пишува во соопштението на СДСМ.

Од опозицијата додаваат дека власта на Никола Груевски не ја интересираат граѓаните и фирмите, туку само тендерите и нејзините бизниси.