Македонија СДСМ: Поплавите во Пелагонија се поради неисчистените канали на Црна Река

СДСМ: Поплавите во Пелагонија се поради неисчистените канали на Црна Река

Пратениците и советниците на СДСМ од Битола, од општина Могила и од општина Новаци, изминатите неколку дена се во сите населени места, коишто се загрозени од поплавите предизвикани од излевањето на Црна Река. Главна причина за поплавите во Пелагонија, за поплавеното битолско и прилепско поле, се неисчистените канали на Црна Река, рече на денешната прес-конференција Васко Ковачевски, пратеник и претседател на СДСМ Битола.

– Уште еднаш излегоа на површина погрешните политики на власта. На овие луѓе овде не им се потребни споменици од мермер и од бронза. Не им се потребни ниту палми, ниту жални врби. На овие луѓе, итно им е потребна помош. Пред сé, да се исчистат каналите, да се одводнат површините и да се преземат сите мерки што се во надлежност на Владата и на надлежните органи. Во изминатиот период, ние предупредувавме дека ќе дојде до вакви состојби. Ја повикуваме власта, којашто е надлежна, веднаш да им помогне на луѓето, да ги преземе сите мерки за помош на населението, да се исчистат водите од домовите и од населените места – рече Ковачевски.