Македонија СДСМ: Почна сечата на дрвја во Карпош

СДСМ: Почна сечата на дрвја во Карпош

„На ова место каде што се наоѓаме, веќе е пресечено првото дрво. Ќе биде порамнет со земја целиот парк. Тука Стевчо Јакомовски и ВМРО-ДПМНЕ ќе градат катна гаража. Ова нема да биде единствениот уништен парк во општина Карпош, туку еден од неколкуте кои ќе исчезнат, за Стевчо Јакимовски и партнерот Груевски да градат гаражи. Тоа е предвидено во новиот детален урбанистички план што планираат да го донесат“, обвини советничката група на СДСМ од Карпош денеска на прес-конференција.

– Кого лаже Јакимовски за неговите намери? Планот морало да се донесе, ама тој нема да го сечел зеленилото?! Граѓаните да му веруваат на зборот. Граѓаните не му веруваат. Тие го кажаа своето. Собраа 2.400 потписи со кои бара да организира собир на граѓани. Со тоа, треба да се повтори јавната расправа што ја намести среде лето кога луѓето не беа дома за да се изјаснат. Собрани се трипати повеќе потписи од законски предвиденото. Ова му наложува на Јакимовски да ја послуша волјата на граѓаните – изјави Магдалена Несторовска, координаторка на советничката група.

Од советничката група на СДСМ и на коалициските партнери велат дека ја поддржуваат иницијативата на граѓаните и дека се потпишале на иницијативата во ДИК.