Главна секција СДСМ победи во Теарце, мандатите на партиите останаа непроменети

СДСМ победи во Теарце, мандатите на партиите останаа непроменети

И покрај денешното прегласување на едно избирачко место во општина Теарце, мандатите на политичките партии останаа исти како и по првичните резултати од гласањето на 11 декември.

ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеничко место, СДСМ – 49 мандати, ДУИ – 10, движењето Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА има 2 мандати.

Според официјалните резултати на ДИК, на прегласувањето во Теарце, СДСМ освоила 245 гласови, ВМРО-ДПМНЕ – 149, ВМРО за Македонија – 2, ДУИ – 1, ДПА – 2, Алијанса за Албанците – 1 и имало 3 неважечки ливчиња.

Сепак, и покрај победата на СДСМ на ова избирачко место, гласовите не беа доволни да се случи пресврт и промена во мандатите.

По гласањето на 11 декември во изборната единица 6, разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беше 307 гласови предност за ВМРО-ДПМНЕ, разлика која СДСМ не успеа да ја достигне со прегласувањето во Теарце.

На изборите на 11 декември на избирачкото место 2011 во Теарце на гласање излегоа 404 лица од запишани вкупно 714 гласачи. Од нив 91 гласаа за ВМРО¬ДПМНЕ, 87 за СДСМ, 65 за Беса, 64 за ДПА, 53 за ДУИ, 25 за Алијансата на Албанците и по еден за ВМРО за Македонија и за Коалицијата за промени и правда Трет блок.