Дописници СДСМ Охрид: Училиштата се распаѓаат, нема раководител во Секторот за образование

СДСМ Охрид: Училиштата се распаѓаат, нема раководител во Секторот за образование

„Поминаа три години откако локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид ги презеде училиштата под своја ингеренција, а сè уште нема поставено раководител во Секторот за образование. Поради отсуство на организација, координација и меѓусебната соработка на училиштата, најмногу трпат просветните работници и учениците“, обвини денеска на прес-конференција советничката од редовите на СДСМ, Жаклина Лазаревска.

– Колку локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за училиштата, пример е токму училиштето во село Трпејца, кое е оставено на забот на времето. Ова училиште е руинирано, нема основни услови за работа, целосно заборавено. Во ова училиште учат нашите, вашите деца. Ова е реалноста што не може да се види на медиумите каде што уредник е Никола Груевски – истакна Лазаревска.

Таа запраша зошто на лицата што ги исполнуваат условите за решение на неопределено работно време, решението сè уште не им е дадено.

– Дали овие лица се држат во неизвесност за да бидат злоупотребувани и уценувани во текот на предизборниот период? Зошто нема средства за талентираните ученици за учество на големите натпреварувања надвор од земјава? Зошто соработката помеѓу училиштата од повеќе градови е сведена на минимум и секое патување значи самофинансирање како за просветните работници, така и за учениците – праша Лазаревска.