Главна секција СДСМ објави оглас за самокандидирање за претседател на партијата

СДСМ објави оглас за самокандидирање за претседател на партијата

СДСМ вчера на својата веб-страница објави повици, кои во дел од весниците денеска се објавени како огласи за самокандидидирање на заинтересирани за функцијата претседател на партијата, односно за местото на Зоран Заев, како и за членови на централниот и на надзорниот одбор на партијата.

Во повикот за претенденти за претседателската функција се вели дека кандидатот мора да биде истакнат член на СДСМ, кој досега дал значителен придонес за зајакнувањето на партијата, но и да биде личност со висок углед во општеството и да биде способен за раководење и за остварување на програмата. Се нагласува и дека треба да ја ужива довербата на членството и на симпатизерите на СДСМ.

Слични се и барањата за кандидати за членови на централниот и на надзорниот одбор.

Рокот за доставување на кандидатурите е 13 мај. Според тоа што претходно го соопштија од СДСМ за „Мета“, конгресот најверојатно ќе се одржи на 27 мај.