Македонија СДСМ: Нема да има нови парламентарни избори

СДСМ: Нема да има нови парламентарни избори

Ќе биде избран нов претседател на Собранието, кој ќе отвори пат за избор на новата реформска влада, реагира СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека брзи парламентарни и локални избори се решение на кризата.

Од партијата наведуваат дека нови парламентарни избори нема да има и дека Груевски не е фактор, туку граѓаните.

„И не е точно дека неколкуте стотини граѓани, кои сè потешко излегуваат на нарачаните протести во одбрана на криминалната платформа на Груевски и на фамилијата, го промениле ставот за измислената платформа. Груевски сфати дека не може да се вози повеќе на таа апсурдна проѕирна лага, затоа што единствениот реален документ што постои е програмата на новата реформска влада, позната на целата домашна јавност и на цел свет. Во неа нема ни промена на химна, знаме, грб, банкноти, име, ниту пак штети врз македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија. Содржината на програмата е јавно достапна“, велат од СДСМ и додаваат дека предвремените избори му се потребни единствено на Груевски, за да ја продолжи политичката криза.

Од партијата наведуваат дека Груевски мора да престане да го уценува трансферот на власта со насилство и да ја прифати реалноста дека ВМРО-ДПМНЕ е опозиција.