Дописници СДСМ: Не се остваруваат ветените проекти и ова не е успешна туристичка...

СДСМ: Не се остваруваат ветените проекти и ова не е успешна туристичка сезона

Ниту се остваруваат ветените проекти, ниту е ова успешна туристичка сезона, порача од денешната прес-конференција претседателот на охридските социјалдемократи, Томислав Тунтев.

– Вистината и реалноста се поразителни. За 28 месеци, градоначалникот Бакрачески и власта на ВМРО-ДПМНЕ не успеаја да реализираат ниту еден проект од тие што во нивната изборна програма беа ветени како приоритетни и капитални. Дополнително, годинешната летна сезона во Охрид ни оддалеку не е најуспешната туристичка сезона во последните 10 години, ниту по бројот на остварени ноќевања во изминатиов период, ниту по бројот на домашни и на странски гости. За време на илинденските празници, во Охрид имаше наплив на домашни гости поради високата температура, убавото време и продолжениот викенд – рече Тунтев.

Според него, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид со ништо не придонела за големиот број викенд-туристи. Напротив, неспособноста и немоќта на општинските челници да се справат со потребите и со барањата на граѓаните и на гостите довело до општ хаос.

– Недостиг од паркинг-простор, хаос во сообраќајот, полни контејнери со ѓубре, неисчистени улици, бучава во ноќните часови, самоволно однесување на таксистите и на превозниците, излеани фекалии во езерото, непочитување на работното време на угостителските локали – тоа беше реалната, жална слика во Охрид во изминатите денови. Експлицитен пример за целосно непознавање на работите и за нивно нестручно извршување претставува реконструкцијата на улицата Питу Гули во Охрид. Почетокот на градежните работи на една од главните и најпрометни улици во градот беше означен на 3 април, но работите се одвиваа невообичаено бавно и улицата остана незавршена. И, наместо да се прекинат градежните работи за време на главната туристичка сезона, како што е тоа ред и обврска за сите инвеститори во Охрид, и да се овозможи непрекинато и безбедно одвивање на сообраќајот, локалната власт продолжи со реконструкцијата, со што предизвика чести застои во сообраќајот, пренасочување на возилата и вистински хаос во туристичкиот шпиц – рече Тунтев.