Македонија СДСМ: Итно да се преземат мерки за загадувањето, особено поради грипот

СДСМ: Итно да се преземат мерки за загадувањето, особено поради грипот

„Огромно е загадувањето и на ниска температура. Власта во заминување досега не презема ништо против загадувањето, поради што болниците се преполни со хронични болни, но и со деца. Има и жртви“, вели Пеце Мирчески, претседател на комисијата за животна средина и член на извршниот одбор на СДСМ.

– Синоќа на мерната станица Битола 2 измерени беа дури 808 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар, што е за 16 пати повеќе од максимално дозволената граница. Во Лисиче се измерени 714 микрограми на еден кубен метар, што е за 14 пати повеќе од дозволеното. Во општина Центар се измерени 625 микрограми на еден кубен метар ПМ10-честички, односно 12 и пол пати над максимално дозволената граница – вели Мирчески.

Од СДСМ предупредуваат дека мора итно да се преземат мерки за заштита на граѓаните, особено зашто е период на грип, вируси и инфекции. Оттаму додаваат дека потребни се краткорочни мерки во деновите на високо загадување на воздухот, како и одговорни еколошки политики.

– Тоа значи гасификација на Скопје, но и на другите градови, а за најголемите загадувачи да се обезбедат субвенции за најсовремени филтри. Тоа значи и субвенционирање на фотоволтаични уреди за користење на сонцето како природен енергент – додава Мирчески.