Македонија СДСМ: Интерпелацијата на Никола Димитров е неоснована

СДСМ: Интерпелацијата на Никола Димитров е неоснована

Со поднесената интерпелација за министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во минатото и во политиките на поделби, изолација, раздор и на конфликти, со што продолжува да работи на штета на државните и интересите на граѓаните, се вели во реакцијата на СДСМ на тоа што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието денеска најавија дека ќе поднесат иницијатива за интерпелација и на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Од партијата велат дека со „неоснованата интерпелација“, ВМРО-ДПМНЕ докажува дека е против евроатлантските интеграции и добрососедските односи и против решавање на отворените прашања, како што беше потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Договорот помеѓу Македонија и Бугарија е целосно во согласност со националните интереси на нашата држава и во согласност со интересите на граѓаните на Македонија и на Бугарија. Договорот е основа за пријателство и за заемен успех на двете држави, а неговото потпишување е заеднички успех на сите досегашни влади и на сите граѓани“, се вели во соопштението.