Македонија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за партиските штабови

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за партиските штабови

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ денеска меѓусебно се обвинија за тоа која партија има поголемо седиште. Двете најголеми партии побараа една од друга, партиското седиште да го отстапат за студентски дом.

– Имотот на СДСМ е имот на Министерството за образование. Партијата наследничка на Сојузот на комунисти, го присвоила и него и си направила сопствен партиски штаб. Бараме СДСМ веднаш да го врати на државата, а Владата да го реновира и да го адаптира во нов студентски дом, каде што би се сместиле околу 250 студенти од внатрешноста на Македонија – рече на денешната прес-конференција Коче Гаврилов, член на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија побара СДСМ да ѝ исплати на државата и надомест за кирии за користењето на имотот, а како што велат од Унијата, средства би се искористиле за реновирање на студентските домови и за повисок студентски стандард.

На ова, опозициската партија реагира дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ја отстапи луксузната зграда во центарот на Скопје за студентски дом.

– УМС неуспешно сака да го покрие скандалот со имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вреден 11 милиони евра, што партијата го стекнала најголем дел во 2014 година. Како ВМРО-ДПМНЕ успеа да стекне 63 објекти низ државава, со близу 12.000 квадратни метри, во вредност од 11 милиони евра? Лажна и лицемерна е наводната грижа на УМС за студентите и за младите. Поради нивната грижа, младите бараат подобра иднина надвор од Македонија – реагираа од опозицијата.

Од СДСМ додаваат дека додека функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се богатат на криминален начин, македонските граѓани се посиромашни, а образованите млади луѓе ја напуштаат Македонија.

– Ако навистина сака да покаже грижа за студентите, ВМРО-ДПМНЕ уште веднаш нека ја отстапи својата луксузна зграда во центарот на Скопје за студентски дом. На ВМРО-ДПМНЕ воопшто нема да им недостига простор со оглед на тоа што имаат 63 објекти низ земјава со близу 12.000 квадратни метри – се вели во реакцијата на СДСМ.