Македонија СДСМ ѝ порачува на власта да не се пазари со Уставот

СДСМ ѝ порачува на власта да не се пазари со Уставот

Обидот по секоја цена да се истурка процедурата на амaндманските измени на Уставот во Собранието на Република Македонија ќе биде само уште еден доказ дека финансиските интереси на оваа власт ѝ се поважни од сè друго, вклучувајќи ја и евроатланската перспектива, велат од СДСМ.

– Амандманите на Уставот, онака како што се утврдени во Собранието, се проблематични и од аспект на нивниот легитимитет и од аспект на нивната формулација, а некои од нив и од аспект на целта заради којашто се туркаат. Венецијанската комисија и Европската комисија веќе укажаа дека уставни измени треба да се носат со најширок можен консензус, како политички, така и општествен. Туркањето уставни амандмани во ситуација на политичка и државна криза, во ситуација кога опозицијата е надвор од Собранието, е уште еден доказ за дрскоста, ароганцијата и за исклучивоста на власта, како и за отсуството на чувство за потребата од дијалог – вели Рената Дескоска, претседателка на Комисијата за правда на СДСМ.

Таа вели дека со насилното туркање на уставните измени во ситуација кога опозцијата не е во Собранието, а државата е во политичка и државна криза, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ уште еднаш ќе покажат дека не ги научија историските поуки.

– На власта ѝ порачуваме: излезете од ќор-сокакот во којшто влеговте! Не пазарете се со работи што не се за пазарење! Не спроведувајте постапки што внесуваат дополнителен раздор! Уставот во секоја земја треба да е највисок акт што обединува, а не што разединува – вели Дескоска.