Македонија СДСМ: Фрапантни податоци за смртност на бебиња, Груевски го штити Тодоров

СДСМ: Фрапантни податоци за смртност на бебиња, Груевски го штити Тодоров

Во Македонија умираат трипати повеќе новороденчиња од пресекот на земјите од Балканот и од ЕУ, посочуваат од СДСМ во соопштението испратено до јавноста.

– Смртноста на новороденчињата во Македонија е 14,4 проценти. Во општините во Македонија каде што недостигаат гинеколози, како Берово, Гевгелија, Дојран, умираат до неверојатни 30 проценти од новородените бебиња. Овие фрапантни податоци призлегуваат од научната демографска студија за зголемената смртност на новороденчиња во Македонија, објавена деновиве – велат од СДСМ.

Тие посочуваат дека Никола Тодоров досега не понесе одговорност за ниеден скандал во здравството што се случува во текот на неговото министерување.

– Мајки и бебиња умираат на породување, 229 новороденчиња умреле за една година според податоци на Евростат. Се пука во лекари. Незадоволни пациенти и незадоволни лекари ја земаат правдата во свои раце што ги доведува во ризик нивните животи. Болниците се урнатини. Скапо набавената опрема од власта или не работи или стои во кутии. Никола Тодоров го интересираат само тендери, а Никола Груевски го поддржува – велат од СДСМ.

Тие го повикуваат министерот Тодоров да даде оставка веднаш.