Економија СДСМ: Eкономијата е стабилизирана и се движи во добар правец

СДСМ: Eкономијата е стабилизирана и се движи во добар правец

Економска катастрофа беше 11-годишното криминално и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ предводено од носителот на криминалот Никола Груевски, кога економијата се уништуваше, а граѓаните се осиромашуваа за да се оствaрат криминалните апетити на Груевски и неговите соработници, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„За разлика од таквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Груевски, Владата предводена од СДСМ работи домаќински и одговорно управува со парите на граѓаните. Последен доказ за тоа е усвојувањето на анекс-договорот со компанијата „Синохидро“ преку кој се решаваат проблемите со автопатот Кичево-Охрид и се заштедуваат 95 милиони евра од буџетот“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека „извештајот на Народната банка нотира дека последните проекции укажуваат на здрави и солидни основи на домашната економија, со потенцијал за солиден раст, поддржан и од кредитната активност на банките, како и интензивирање на економскиот раст во следните три години.“

„Преку одговорно управување со финансиите, Владата предводена од СДСМ, успеа да го стави јавниот под контрола, фреквенцијата на задолжувања е намалена, а каматните стапки за задолжувања се далеку пониски од каматните стапки од задолжувањата за време на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, бројни економски параметри како растот на платите, порастот на извозот, потрошувачката и индустриското производство, рекордниот број на странски инвестиции, јасно покажуваат дека економијата е стабилизирана и се движи во добар правец“, се додава во соопштението.