Македонија СДСМ денеска го одржува 25. Конгрес, прв во дигитален формат поради ковид-19

СДСМ денеска го одржува 25. Конгрес, прв во дигитален формат поради ковид-19

Фото: СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го одржува 25. Конгрес на владејачката партија, кој воедно е и прв што се одржува во дигитален формат на далечина во насока на заштита на јавното здравје. Претседателот Зоран Заев вели дека ова првиот дигитален Конгрес на СДСМ и првиот дигитален конгрес на која било политичка партија во земјава, целосно обезбеден со електронски начин на комуникација, преку конференциски видео врски со општинските организации.

„Овој Конгрес доаѓа после победата на предвремените парламентарни избори на кои граѓаните повторно ни ја дадоа довербата, ни ја укажаа честа да продолжиме по вистинскиот пат. Овој Конгрес е после изборна победа на СДСМ од позиција на владејачка партија. Нешто што се случи првпат од постоењето на партијата имајќи во предвид дека во 1994 година, тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ се повлече од учество на изборите во вториот изборен круг“, изјави Зоран Заев.

Тој изјави дека една од предлог-статутарните измени што денеска ќе биде изгласана е црвената како боја на левицата и социјалдемократијата да стане официјална боја на владејачката партија СДСМ. Заев додаде дека со Статутот на СДСМ ќе биде предвидено основање на Форум на пензионери. Ќе се воведе и целосна родова еднаквост меѓу мажите и жените во органите на партијата.

Најважната одлука што треба да ја донесат социјалдемократите на денешниот конгрес се статутарните измени, со кои СДСМ ќе биде првата партија која напролет преку директни избори, секој член на партијата ќе може да гласа и да го избере идното раководство на партијата.

„СДСМ е првата партија во нашата држава која на следниот конгрес својот претседател ќе го бира на директни, внатрепартиски избори“ изјави Зоран Заев.