Македонија СДСМ: Да остане бесплатниот автобуски превоз и да се воведе возење „пар...

СДСМ: Да остане бесплатниот автобуски превоз и да се воведе возење „пар – непар“

Мерката бесплатен јавен превоз во Скопје, за која апелираме три години досега, е многу задоцнета и не може да биде ефикасна ако не е придружена со други мерки, вели Пеце Мирчески, потпретседател на комисијата за животна средина на СДСМ.

– Укажуваме на централната власт во заминување и на локалните власти веднаш да преземат чекори што ќе придонесат за намалување на последиците од загадувањето. Освен бесплатниот јавен превоз, да се воведе систем на возење „пар – непар“. Истовремено да се вклучат поголем број автобуси, за сигурен и навремен превоз на граѓаните. Итно, привремено да се запрат сите градежни активности во општините со зголемено загадување и да се субвенционира огревен материјал за социјално загрозените категории граѓани – вели Мирчевски.

Од СДСМ велат дека ова се краткорочни мерки што можат да придонесат привремено да се ублажи загадувањето, а дека властите досега не презеле ништо да го решат проблемот со загадувањето.