Македонија СДСМ: Чулев не го пријавил луксузниот стан, а Антикорупциска затвора очи

СДСМ: Чулев не го пријавил луксузниот стан, а Антикорупциска затвора очи

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев, молчи зошто не го пријавил станот од околу 90.000 евра во луксузниот станбен објект во Аеродром во својот анкетен лист, велат од СДСМ и додаваат дека со тоа самиот признава дека го крие луксузниот стан.

„Зошто директорот на разузнавање, Чулев, има потреба да го крие станот? Дали можеби затоа што треба да објасни како се доаѓа до стан во луксузен комплекс со пазарна вредност од околу 90.000 евра? Дека директорот на Агенцијата за разузнавање има стан на улица Фрањо Клуз, број 2, со површина од 63 квадратни метри во вредност од околу 90.000 евра покажува неговиот имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности“, велат од СДСМ.

Од партијата истакнуваат дека Комисијата за спречување на корупцијата не си ја врши работата со тоа што ги премолчува ваквите случаи.

„Ај што Чулев молчи, незаконски молчи и Антикорупциската комисија чиишто членови се платени од граѓаните за да ги штитат нивните интереси од злоупотреби од функционери. Според законот, директорот на Агенцијата за разузнавање морал да пријави во Антикорупциската комисија какви било промени во имотната состојба коишто ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати.
Груевски и соработниците кои трупаат станови и пари до рајските земји можеби се засега поштедени од Антикорупциската комисија под нивна контрола“, велат од СДСМ, додавајќи дека по изборите, сите што ги кршеле Уставот и законите, како и нивните соучесници, ќе бидат повикани на одговорност.