Македонија СДСМ: Ако сакаше, ВМРО-ДПМНЕ имаше 11 години да работи на зголемување на...

СДСМ: Ако сакаше, ВМРО-ДПМНЕ имаше 11 години да работи на зголемување на платите

Доколку сакаше, ВМРО-ДПМНЕ имаше 11 години да работи на зголемување на платите и на животниот стандард на граѓаните, но спротивно на тоа ВМРО-ДПМНЕ направи Македонија да биде една од земјите со најниска минимална и просечна плата во регионот и во Европа, реагираат од СДСМ на на прес-конференцијата на Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Новата реформска Влада ќе работи во интерес на граѓаните и ќе ги поправи економските штети што ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски им ги направија на граѓаните и на државата! Минималната плата ќе се зголеми на 12.000 денари до крајот на оваа буџетска година и таа ќе важи еднакво за сите работници, вклучително и за работниците од индустријата за кожа, облека и за текстил. Фирмите од оваа индустрија ќе бидат финансиски поддржани од државата што ќе ја гарантира сигурноста на работните места“, се вели во реакцијата.

Од партијата наведуваат дека со одговорни економски политики, новата Влада предводена од СДСМ ќе го поправи нарушениот економски углед на Македонија како една од земјите со најниски плати во регионот и во Европа.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина мисли на граѓаните, а не на криминалните интереси на Груевски, ќе ги поддржи економските владини политики за зголемување на платите и за отворање нови работни места“, велат од СДСМ.