Свет Европа Сапен: Поради Брексит потребна е подлабока интеграција на ЕУ

Сапен: Поради Брексит потребна е подлабока интеграција на ЕУ

Францускиот министер за финансии, Мишел Сапен, денеска изјави дека поради излегувањето на Велика Британија од Европската Унија веројатно ќе треба подлабока интеграција на еврозоната.

Сапен, по разговорите со американскиот секретар за финансии, Џек Лу, во Париз изјави дека поради Брексит е потребно да се забрза интеграцијата.

– За тоа разговаравме со министерот за финансии на САД. Пожелна е поголема интеграција на еврозоната од гледна точка на глобалната стабилност и на европска стабилност. Мислам дека Американците го гледаат тоа на ист начин – рече Сапен.

Францускиот министер рече дека одлуката на Велика Британија да излезе од ЕУ може да биде негативна само за таа земја.

– Ние мора да го прифатиме гласањето. Тажни сме поради тоа, но треба да се почитува одлуката – рече францускиот министер.

Сапен изрази задоволство што новата британска премиерка Тереза Меј утре ќе ја преземе функцијата и додаде дека се надева оти Лондон што е можно поскоро ќе ја информира ЕУ за намерата да излезе од Унијата, со што формално ќе почне Брексит.

Лу рече дека Лондон и европските земји треба да бидат прагматични во преговорите за напуштање на ЕУ.