Дописници Санацијата на колекторскиот систем во Охрид треба да започне на крајот на...

Санацијата на колекторскиот систем во Охрид треба да започне на крајот на годинава

Со ребалансот на буџетот за 2019 година, Владата ќе издвои 183 милиони денари за колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро согласно барањата на УНЕСКО, но и потребите за заштита на езерото.

На почетокот на ова лето премиерот Зоран Заев најави реконструкција и доградбата на колекторскиот систем и за таа цел е формирано државното претпријатие „Колектор“.

Санацијата на колекторскиот систем во Охрид треба да започне на крајот на годинава. Од владата ветија дека ќе се поправат сите пумптни и пречистителни станици, со што ќе се спречат еколошките хаварии кои му се случуваат на Охридското Eзеро со години наназад.

Искористена е старата физибилити студија за реконструкција и санација, но зафатот ќе чини многу помалку пари, кои веќе се обезбедија со ребалансот на буџетот. До март се очекува конечно коекторскиот систем да биде функционален и да одговори на својата намена заштита на Охридското Езеро од загадување.

Нефункционалноста на колекторскиот систем е рак-рана на Охридското Eзеро. Од владата најавија  комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во Охрид и Струга, со цел да се  спречи излевањето и поплавувањето на градските улици.

За таа цел и беше формирано државното јавно претпријатие „Колектор“ кое го презема колекторскиот систем со сите натрупани обврски и проблеми. Претрпијатието е регистрирано со седиште во Скопје и во иднина ќе презема обврски на ниво на државата.