Мета.Избор Самарас не му оставил ни тоалетна хартија ни вифи-лозинка на Ципрас

Самарас не му оставил ни тоалетна хартија ни вифи-лозинка на Ципрас

Новиот премиер на Грција, Алексис Џипрас, синоќа при пристигнувањето во својата нова официјална резиденција се шокирал кога забележал дека администрацијата во заминување со себе ги зела компјутерите, документите, па дури и средствата за хигиена, пишува британскиот весник „Гардијан“.

– Тие собрале сè. Ми требаше еден час за да најдам сапун – рече Ципрас.

Традиционално, поразениот грчки премиер останува во резиденцијата до доаѓањето на неговиот наследник за да му честита и за да му посака среќа. Сепак, како што пишува весникот, Андонис Самарс веројатно толку брзал за да замине, што не им ја оставил ни лозинката за вифи-мрежата.

– Седиме во темнина. Немаме ниту интернет, ниту е-меил, немаме како да комуницираме едни со други – изјавил еден од персоналот на Ципрас за германскиот весник „Шпигел“.

Ципрас дури синоќа успеал да ја добие лозинката за официјалниот твитер-профил на грчкиот премиер. Во својот прв „твит“, Ципрас ја повтори заклетвата, која ја даде 24 часа претходно, ветувајќи дека ќе го почитува Уставот и секогаш ќе им служи на интересите на грчкиот народ.

Сепак, новата администрација сè уште има проблеми со целосно преземање на системот. Седумдесет и два часа по завршувањето на изборите, на официјалната веб-страница на грчката влада за премиер е наведен Самарас.