Ctrl - Z Саемот „ФИЈУК“ вечерва во Универзитетска библиотека – работилници, продажба и изработка на...

Саемот „ФИЈУК“ вечерва во Универзитетска библиотека – работилници, продажба и изработка на уметнички дела

Целта на саемот е да се поттикнува нова графичка и дизајнерска продукција на книги, постери, графики, фотографии, принтови, копии и цртежи и да се зголеми видливоста и побарувачката на локалните независни уметници и издавачи

Денес во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од 17 до 22 часот ќе се одржи петтото издание на „ФИЈУК“, саем и работилница за изработка на колажи.

Над 30 излагачи ќе ги претстават своите дела на изложбата, која ќе биде продажна.

„’ФИЈУК’ е меѓународна и самоодржлива иницијатива чија мисија е да поттикнува нова графичка и дизајнерска продукција на книги, постери, графики, фотографии, принтови, копии и цртежи и да ја зголемува видливоста и побарувачката на локалните независни уметници и издавачи“, велат од организацијата.

Вечерва ќе биде отворена и изложбата „Ненаситни“, која по промоцијата во Белград, за првпат се поставува во Скопје. Таа е составена од над 30 уметнички колажи кои се резултат на ентузијастично сецкање и лепење на безброј постери собрани на улиците во Скопје, Виена, Братислава и други локации на Балканот и Европа. Оваа изложба ќе се претстави и пред публиката во Загреб, а на вечерниот настан ќе биде промовирана и арт книгата во ситопечат „Ненаситни“.

Изложбата ќе биде музички поткрепена со селекција на винили од Владимир Муратовски и со музички настапи од Јоана и Стражарот.

„ФИЈУК“ е независна меѓународна мрежа иницирана од Колективот Матријаршија од Белград во 2015 година, која потоа успешно се шири земјите на Балканот и на Скандинавија. Денешниот настан е во организација на Партизанска Штампа, Арт Еквилибриум, Гола Планина Колектив, со поддршка од НУБ „Св. Климент Охридски“.